• Мартин Танасковски
Во рамките на деветтото коло од француската Лига 1, фудбалерите на Лион конечно им подарија радост на своите навивачи, совладувајќи го Стразбур со 2-1. Тимот на Пјер Сажет извојува тешко изборена победа, а младиот Афонсо Мореира се претвори во херој на вечерта со погодок во судиското продолжение.
Гостите од Алзас го отворија натпреварот подобро и поведоа по вистинска фудбалска лекција. Брза акција со две прецизни додавања од прва заврши со перфектен центаршут на Дуе, кој го пронајде Паниќели во срцето на шеснаесетникот. Напаѓачот со прецизен удар со глава ја затресе мрежата на Лопес за водство од 0-1. Лион успеа да се врати во игра во 31. минута по една необична ситуација. Фофана, кој беше најактивен во редовите на „лавовите“, избега по левата страна и испрати топка кон средината, а обидот на Дукуре да ја расчисти заврши несреќно, со автогол во сопствената мрежа за израмнување на 1-1.
Само десет минути подоцна, домашниот тим доби голема шанса да направи целосен пресврт. Судиската екипа по преглед на ВАР досуди пенал, откако Толисо беше фаулиран во казнениот простор. Иако самиот ја презеде одговорноста, ударот на искусниот играч за врска беше слаб и лесно го одбрани голманот Пендерс, кој со нозете го задржа нерешениот резултат. Во второто полувреме Лион имаше теренска иницијатива, но не и конкретност во завршницата. Сепак, натпреварот се сврте по вторпат против Стразбур во 67. минута, кога Дукуре – веќе виновник за автоголот – направи груб старт како последен играч во одбраната. Судијата без двоумење му покажа директен црвен картон и го остави својот тим со човек помалку.
И покрај бројчаната предност, Лион долго време не успеваше да ја скрши одбраната на противникот. Но, тогаш на сцена стапи 19-годишниот Афонсо Мореира. Младиот крилен напаѓач, кој влезе во финишот, во првата минута од судиското продолжение покажа зошто многумина во Франција го сметаат за еден од најперспективните таленти. По одлична акција, се ослободи на левата страна, си ја намести топката на десната нога и со прецизен финиш ја испрати во горниот агол на голот. Тој погодок донесемногу потребно олеснување за Лион, кој со оваа победа излезе од опасната зона на табелата.








