Дугари жестоко удри по Арсенал: „Тие се група кловнови, мило ми е што загубија!“

Француската фудбалска легенда и поранешен светски шампион, Кристоф Дугари, упати остри критики кон Арсенал по поразот од ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите, не штедејќи зборови за настапот на лондонскиот клуб.

Дугари смета дека тимот на Микел Артета настапил со преголема самодоверба и дека не покажал доволно храброст и амбиција во најважниот натпревар од сезоната.

„Тие се група кловнови. Дојдоа со преголема самодоверба, со Артета кој најавуваше дека ќе победат. Многу ми е мило што добија по нос и се надевам дека, ако еден ден сакаат да ја освојат Лигата на шампионите, ќе почнат да играат вистински фудбал“, изјави Дугари.

Поранешниот француски репрезентативец посебно го критикуваше стилот на игра на Арсенал, оценувајќи дека тимот не го покажал фудбалот по кој клубот е препознатлив низ историјата. Според него, Арсенал има богато наследство и препознатлив идентитет кој не бил видлив во финалето.

„Тоа не е Арсенал. Тој клуб има историја, тие се Топџии, постои наследство и одреден стил на фудбал. Да победеа играјќи така, тоа ќе беше вистински скандал“, додаде Дугари.

ПСЖ на крајот стигна до европската титула по драматично финале, додека Арсенал повторно остана без толку посакуваниот трофеј во најелитното европско клупско натпреварување.