ВИДЕО: Дуелот на ранетите за домаќинот, Аталанта победи по два месеци

Во меч кој ги спои двете екипи од кои пред почетокот на сезоната се очекуваше многу повеќе, Аталанта на свој терен ја совлада Фиорентина со 2-0 и конечно стави крај на долгата серија без победа во Серија А, уште од 21 септември. Натпреварот донесе поинаква слика од она што се претпоставуваше – дуелот беше претежно затворен, исполнет со тактичко надмудрување и многу малку чисти ситуации за гол.

  • Извештај од натпреварот:

Првиот дел помина во знакот на Аталанта, која иако не создаде серија опасни шанси, изгледаше поорганизирано и похрабро во последната третина. Фиорентина, пак, повторно ги откри слабостите кои ја следат цела сезона, добра игра во изградба, но без конкретен завршен удар. Сепак, домашниот тим ја отвори играта во вистински момент. Во 41-та минута, по на изглед сосема обична акција, Чарлс де Кетелар испрати повратна топка кон Коснуну, кој се обиде да нафрли во шеснаесетникот, но наместо соиграч, го најде патот до мрежата. Топката доби чудна траекторија, го изненади голманот на Фиорентина и заврши во голот за водство од 1-0 – погодок кој повеќе наликуваше на техничка грешка отколку на планирана акција, но кој во целост ја промени динамиката на натпреварот.

Само што почна второто полувреме, Аталанта повторно удри по ривалот. По мешаница во шеснаесетникот по изведен корнер, топката падна точно пред нозете на Адемола Лукман кој со ладнокрвен удар ја зголеми предноста на 2-0. Тој момент ги ослободи играчите на Аталанта, кои од тој миг играа посмирено и со далеку повеќе самодоверба. Фиорентина ја презеде контролата над поседот до крајот на мечот, но тоа не ѝ донесе поголеми шанси. Иако топката беше повеќе во нивни нозе, проблемите во завршницата повторно испливаа на површина. Екипата создава напади, но недостасува решителност и присебност пред голот. Најблиску до погодок беше Мандрагора, чиј удар заврши во стативата, момент што најдобро ја сумира целата сезона на Фиорентина, солидна игра, но без награда.