Дуелот кој сите го чекаа: Вардар против Престон на мегдан на ФФМ

Фудбалот повторно ги спојува дијаспората и татковината. Австралискиот клуб Престон Лајонс Македонија, кој со години важи за еден од најпрепознатливите спортски симболи на македонската заедница во Австралија, денеска ќе го одмери својот квалитет со најтрофејниот македонски клуб Вардар.

Натпреварот ќе се одигра на тренинг-центарот на Фудбалската федерација на Македонија, со почеток од 16:00 часот. Влезот за сите љубители на фудбалот е слободен, а ТВ-пренос или интернет нема да има.

За гостите од Мелбурн ова претставува вистинска спортска мисија, бидејќи со мечот против Вардар го остваруваат сонот на многу генерации македонски иселеници кои преку Престон Лајонс го одржуваат фудбалскиот дух и врските со татковината.

Престон Лајонс Македонија, клуб кој во Австралија е познат и како „Лавовите“, има богата историја и децении наназад е носител на спортскиот и културниот живот во македонската заедница таму. Нивното гостување во Скопје не е само спортски настан, туку и културен мост, што уште еднаш ја потврдува силната поврзаност меѓу Македонија и нејзината дијаспора.

Од друга страна, Вардар ќе го искористи пријателскиот натпревар како можност да провери дел од своите играчи кои добиваат помала минутажа во првенството, но и за да ги зацврсти релациите со клубови и заедници што ја промовираат Македонија надвор од границите.