Дуел вреден шест бода во Охрид, Воска и Пелистер во директна пресметка за Прва лига

Со голем интерес се очекува последниот натпревар од 21. коло на Втората фудбалска лига, кој утре од 15:00 часот во Охрид ќе го одираат Воска Спорт и Пелистер. Натпреварот е поместен за четири дена, и со оглед на интернационалната недела, ќе биде во фокусот на вниманието во текот на утрешниот ден.

Тешко е да се одреди фаворит во дуелот на двете екипи кои се без пораз оваа пролет. Охриѓани и битолчани освоија по 13 бода од пет пролетни кола и двете екипи ремизираа единствено со Гостивар. Екипата на Воска Спорт има четири бода повеќе од Пелистер, но два помалку од лидерот Вардар. Голема е збрката на врвот, каде четири екипи се борат за две директни места и една позиција која води во баражот со десеттопласираната екипа од Првата лига.

Првиот дуел на двете екипи, игран во октомври во Битола заврши без победник, 1-1, а охриѓани израмнија во судиското надополнување. Неиграњето на У21 репрезентативецот Фета е хендикеп за домашниот тим, а гостите од Битола се комплетни. Без разлика што по овој дуел остануваат уште десет кола, сите се свесни дека дуелот во Охрид вреди шест бода и може да отвори различни перспективи за двете екипи. Се предвидува и полна трибина и љубители на фудбалот и од Охрид и од Битола.

Со оглед на тоа што е делегиран искусен прволигашки судија како Јосип Бартон, веројатно ќе бидат избегнати мачните сцени и протестите кон делителите на правдата на првиот натпревар на стадионот „Тодор Проески“. Натпреварот Воска Спорт - Пелистер се игра од 15:00 часот.