ВИДЕО: Дуе режисер во пресврт-победата на ПСЖ кај Монако во ЛШ

Екипите на Монако и Пари Сен Жермен на „Луј Втори“ го одиграа највозбудливиот натпревар во денешната програма во плеј-офот од Лигата на шампионите, кој заврши со пресврт победа на гостите од Париз од 2-3 (2-2).

  • Извештај од натпреварот:

Домаќините уште во првата минута го шокираа европскиот шампион. Одбраната на ПСЖ целосно потфрли и остави двајца фудбалери на Монако буквално сами, а на асистенцијата на Головин, кој центрираше од левата страна, сигурен реализатор со глава беше Балогун. Седумнаесет минути подоцна некогашниот напаѓач на Арсенал одново му побегна на противничката одбрана и со прецизен удар на втора статива зголеми на 2-0.

По двата примени гола, ПСЖ конечно успеа да излезе од кризата и почна да игра во свој стил. Првата шанса за намалување на негатива ја испушти Витиња, кој во 22 минута не реализира од најстрога казна. Следуваше нов удар за Луис Енрике и парижани, затоа што се повреди најдобриот на светот, Осман Дембеле, но неговата замена Десир Дуе само што влезе во игра ја стресе домашната одбрана за 1-2. Налетот на францускиот првак беше крунисан со уште еден погодок и стрелец за 2-2 беше Хакими. 

На стартот од вториот дел следуваше нов шок за домаќинот, затоа што Головин поради груб старт доби директен црвен картон, и го остави Монако со десетмина во поле. Моќниот ПСЖ тоа го искористи дваесет минути подоцна кога Дуе повторно беше на висината на задачата и за својот тим му донесе предност од 2-3. Монако со играч помалку немаше сили да се врати во игра, упати само еден удар кон противничкиот гол и на реваншот во Париз за осум дена патува со еден гол негатива.