Друловиќ откри: Митровиќ играл повреден против Португалија

Поранешниот селектор на Македонија кој сега работи во стручниот штаб на Драган Стојковиќ во Србија, Љубинко Друловиќ изнесе интересни информации. Српската репрезентација го шокираше светот откако ја победи Португалија среде Лисабон и директно се пласираше на Мундијалот. 

Херој на „орлите“ беше Александар Митровиќ кој го одлучи натпреварот, а Друловиќ изјави дека напаѓачот на Фулам играл повреден во Лисабон. 

„Верувам дека тоа никој не го знае, но Митровиќ играше повреден. Имаше само еден тренинг таа седмица, ама сакаше да игра, покажа карактер и тоа на крајот му се исплати“, изјави Друловиќ. 

Митровиќ ја врати својата неверојатна форма, во моментов „гази“ во Чемпионшип лигата со Фулам, а се шпекулира дека во наредниот период ќе се реши за трансфер. Напаѓачот минатата сезона играше во Премиер лигата со Фулам, ама неславно ја завршија таа авантура и сега пак се натпреваруваат во втората лига.