ВИДЕО: Дрита ита кон историја, Шкендија ќе мора по потежок пат во Европа

Екипата на Шкендија го доживеа вториот европски пораз. Македонскиот шампион загуби од Дрита на Косово (0-1) и по четири кола останува на 25-тото место на табелата во Конференциската лига, првата позиција зад линијата од нокаут-рундата. Статистички тимот на Јетон Беќири беше подобар, држеше топка и создаваше шанси, меѓутоа домашниот тим заради едно невнимание во дефанзивата на македонскиот тим ја задржа победата на стадионот „Фадиљ Вокри“ и широко си ги отвори портите кон нокаут-рундата.

Аналитичарите велат дека барем седум бода се доволни за нокаут-фаза, а Дрита во чии редови играат двајца македонски фудбалери, тоа се Егзон Бејтулаи и Блертон Шеји, со оваа победа ги има осум и четири кола е без пораз. До триумфот екипата на македонскиот стратег Зекрија Рамадани дојде со голот на Арб Манај, кој во 20. минута налета на еден отпадок во шеснаесетникот по центаршут и лоша реакција на одбраната на тетовчани и го совлада Гаје.

Имаше Шкендија повеќе шанси за да израмни, а најблизу до тоа беше во 57. минута кога Лиридон Љатифи ја погоди пречката од слободен удар. Не помогна ниту влегувањето на Зејнулаи, Ибраими, Ќака и Адеми во второто полувреме. Пред финишот Шкендија направи голем притисок, но не успеа да израмни, а на спротивната страна во екстра-времето голманот Гаје спречи втор гол на Дрита, па мечот заврши со конечни 1-0 за домашната екипа. Во следното коло од Конференциската лига, екипата на Шкендија ја чека домашен дуел со Слован Братислава. Дрита, пак, игра дома со АЗ Алкмар.

На останатите натпревари во групната фаза, Бреидаблик и Самсунспор одиграа нерешено (2-2), идентично беше и на мечот меѓу Абердин од Шкотска и Ноа од Ерменија (1-1), поделба на бодовите имаше и во Хрватска, на дуелот Ријека - АЕК Ларнака (0-0).

Фиорентина на домашен терен доживеа изненадување со АЕК Атина (0-1), Јагјелонија пред својата публика славеше над фински Купс (1-0), Спарта Прага ја доби пресметката со Легија (1-0), а по три бода освоија и Шахтјор Доњецк против ирски Шамрок (2-1), односно француски Стразбург против Кристал Палас (2-1).