Драгон со седум гола во мрежата ги заврши настапите во ЛШ

Македонскиот фудбалски шампион во женска конкуренција, Драгон, го забележа и третиот пораз во квалификационата група за Лигата на шампионите. 

По неуспесите против Сараево и Брајдаблик и гол разликата од 0-16, попладнево нашите девојки повторно беа надиграни и не постигнаа гол, овој пат загубија од АС Тел Авив (0-7). 

Израелскиот тим доминираше во текот на целиот натпревар, испрати скоро 20 удари кон голот на драгонки, а противничката мрежа ја затресе седум пати. Головите за АС Тел Авив ги постигнаа Ефраим, во првиот дел, додека во вторите 45 минута стрелаа Кохен, Накав, Сеиден, Елинав (2) и Езурике. 

Македонскиот тим во 76. минута остана без услугите на Ѓорѓиевска, која заработи црвен картон, а тоа дополнително им даде крила на противничките фудбалерки да постигнат четири гола во самиот финиш и да извојуваат поубедлива победа. 

Со овој натпревар Драгон ги заврши настапите во квалификационата група за Лигата на шампионите. Од оваа група понатамошен пласман обезбеди тимот од Исланд, Брајдаблик.