• Саше Љолес
Навивачите на Динамо Загреб конечно добија супер вести и се израдуваа на објавата за изградбата на новиот стадион „Максимир“, кој би требало да биде завршен во 2028 година.
Постоечкиот објект е веќе стар и дотраен, одамна не ги исполнува сите критериуми на УЕФА, па затоа веќе со години се зборуваше за изградба на нов фудбалски храм кој достојно би ги претставувал клубот, репрезентацијата и државата.
Стадионот ќе се гради со помош на градот Загреб и Владата на Хрватска, а новиот објект ќе има капацитет од околу 35.000 седишта. Општината Загреб најави дека изградбата ќе започне кога Динамо ќе пронајде алтернативно решение за своите натпревари, по што ќе се активираат интензивни градежни работи за да може проектот да заврши во предвидениот рок.
Остануваат само да се утврдат уште неколку детали, но и да се собере потребната документација и сите потребни градежни дозволи. Едно е сигурно, Динамо и „Модрите“ за неколку години ќе имаат нов прекрасен стадион на кој ќе се гордеат сите навивачи и симпатизери.