Достаниќ: Задоволен сум од бодот, во одредени моменти бевме и подобри од Шкендија

Екипата на Работнички иако ја имаше улогата на аутсајдер, успеа да освои голем бод од вчерашното гостување кај лидерот на табелата во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), тетовска Шкендија.

 Тренерот Ратко Достаниќ не го криеше задоволството од одиграната партија на своите избраници, особено од прикажаното во вторите 45 минути.

„Одигравме добар меч, посебно во второто полувреме во Тетово. Во првиот дел имаше и одредени грешки, дозволивме Шкендија брзо да поведе, можеа дури и да го заокружат мечот. Но, се вративме многу подобри во второто полувреме, во одредени сегменти од натпреварот бевме и подобар ривал, постигнавме гол за израмнување, а можеби и офсајд позицијата при вториот гол не постоеше. Но, задоволен сум, пред сè од изданието, а секако и од освоениот бод. Малку екипи можат да освојат бод против Шкендија на гости, сега треба да се потрудиме да ја одржиме константноста и да се претставиме во исто, дури и можеби и подобро издание на следниот меч против Шкупи“, вели шефот на стручниот штаб на Работнички за клупскиот сајт.

По десет одиграни кола во ПМФЛ, Работнички ја зазема седмата позиција на табелата со 12 освоени бода.