Дост откри зошто се „сруши“ на мечот во Алкмар: Имав среќа...

Бас Дост колабираше на теренот во натпреварот меѓу АЗ Алкмар и НЕЦ Нијмеген. За среќа по брзата реакција на медицинските екипи тој беше реанимиран и пренесен во болница. Неговата состојба сега е стабилна, ама тој има срцеви проблеми. 

Фудбалерот се огласи и ја објасни својата состојба. Напаѓачот има миокардит, односно воспаление на срцевиот мускул, за кое ќе прави дополнителни тестови пред да биде пуштен на домашно лекување. 

„По многуте прегледи, откриено е дека имам воспаление на срцевиот мускул или миокардит. Може да има многу причини поради кои доаѓа до таков проблем. Имав среќа дека на теренот бев успешно реанимиран. Многу сум им благодарен на докторите на двете екипи. Морам да продолжам со прегледите и во следните денови, а потоа ќе си заминам дома за да се одморам“, изјави Дост. 

Во моментов продолжението на кариерата на ветеранот е под знак прашалник. Иако има случаи кога играчи се враќале по срцеви проблеми, самиот Дост е веќе во години и можеби ќе се реши да не ризикува. Сепак, информации на таа тема засега нема и тоа ќе биде познато во иднина.