Досие на Македонецот кој мина 2.500 километри за Миовски: Имам приказни за цел живот!

Бојан Миовски постигна гол за Ренџерс во Шкотска во победата над Данди Јунајтед, а на тој момент сведок беше навивач од Македонија кој специјално отпатува на Островот за да го гледа македонскиот центарфор. Игор Ордев, заедно со сопругата Ирена, беше во фудбалскиот храм на „полицајците“ и имаше интересно патешествие кое ќе го памети целиот живот.

Македонецот е чест патник на фудбалските натпревари ширум Европа на кои играат македонските фудбалери. Овој пат, дестинација му беше Шкотска. Специјално го избра Глазгов за да го гледа Миовски, со кого е и добар личен пријател. „Вин-вин“ ситуација – гол за Миовски, спомен за Игор.

„За патешествието до Шкотска тешко е да се испланира брзо затоа што мора да правиш комбинации. Почнавме пред три месеци да го планираме патот. Сменивме три превозни средства за да стигнеме до Глазгов. Со автомобил бевме до Софија, таму летавме за Единбург, има директен лет. Тоа беше некои 3,5 часа. Па утредента со автобус стигнавме до Глазгов. Три дена пат, но генерално интересно. За организацијата, уште во ноември се видов со Бојан и му кажав дека планираме да му дојдеме на гости. Се мислевме дали тоа да биде дерби со Селтик или нешто друго. Планот беше да ги гледам Миовски против Трапановски, но Трапановски се повреди и го немаше во тимот. И вака беше добро, подобро отколку што очекував. Стадионот беше распродаден, иако собира 50.000 луѓе. Јас сакав да си купам карти сам, но Бојан Миовски ме испочитува. Мечот беше одличен, сега сме во Шкотска, а потоа заминуваме со сопругата за Исланд затоа што кога патувам на едно место, често го поврзувам тоа со друго.“, изјави Игор.

Насловните страници на весниците во шкотскиот град беа со македонскиот гостин и неговата сопруга. Целата ситуација беше хит за Шкотите, затоа што ја најдоа приказната интересна некој да патува 2.500 километри за да гледа фудбалер на кој му е фан и доаѓа од неговата земја.

„Приказната со медиумите е доста интересна. Глазгов Тајмс не објави пред мечот, тоа е весник што излегува секој ден во Глазгов, а потоа не објавија во национален весник што излегува во цела Шкотска - Сандеј Мејл. Приказната беше таква што пред да тргнеме, јас сакав да направам нешто интересно за Миовски. Направивме приказна, што и на крајот не знам дали беше поврзано со тоа, ама успеавме во она кое го сакавме. Миовски играше за Ренџерс и даде гол, а неговиот тим победи. Им се обратив на подобро рангираните медиуми во Шкотска и им ја кажав приказната дека доаѓаме специјално за натпреварот да го гледаме Миовски. Им кажав дека јас сум голем фан на фудбал, тој ми е пријател и дека патуваме специјално 2.500 километри за да ги гледаме Ренџерс. Таа приказна им беше занимлива затоа што сакаат фудбал. По еден час имаше интерес од медиумите за приказната од Глазгов Тајмс и Сандеј Мејл и ми побараа контакт. И се изненадив, затоа што уредникот на Сандеј Тајмс толку многу не испочитува, не запозна со неговите најблиски во домот, имавме заеднички ручек, многу позитивно се изненадив.“, ни раскажа тој.

Како тој го доживеа целиот натпревар и како му се допадна атмосферата во Глазгов?

„По средбата со уредникот бевме на мечот, а во 70 минута се случи тоа што се надевавме. Миовски влезе во игра, а само што влезе го извадив знамето на Македонија. Сите навивачи реагираа позитивно. Кога го даде голот, се тресеше се околу нас, а тој со прстот покажа кон знамето. Луѓе ни скокаа околу, не гушкаа, еуфорија голема. Сите ни честитаа, ни пееја песни. Имаше многу убава енергија. Кога го видоа знамето дека сме навивачи на стрелецот, реагираа навистина добро. Испадна многу позитивно, затоа што со гол ја потврди победата“, истакна Ордев.

По крајот на натпреварот, Игор заедно со Миовски се најде и на клупската телевизија на Ренџерс.

Само што го завршивме мечот, се вративме во делот. Ми се јави Миовски, да се симнеме доле за да не види. Дојде еден човек и не спроведе до клупските простории кај соблекувалните. Мојата сопруга не снимаше од позадина. Не изненадија и од социјалните медиуми на Ренџерс, тој им ја кажал целата приказна и дека доаѓаме специјално за мечот. Потоа Миовски не однесе до хотел затоа што врнеше дожд. Бојан е одличен човек, голема личност. Многу ми е мило што се направи многу позитивна атмосфера околу Миовски со целото ова. Дај Боже да трае што повеќе, затоа што тој го заслужува најдоброто“, кажа македонскиот фудбалски фан.

Има следено повеќе натпревари, а дали фудбалерите му помагаат некогаш за логистиката или организацијата, или секогаш сам го прави тоа?

„Се познавам лично со повеќето од фудбалерите, ги знам многу добро. Работата е што сакам јас да комбинирам убави патувања со добри натпревари. Не ми е приоритет само натпреварот, туку целото патување да биде добро. Сега на пример се шетаме низ Шкотска, па заминуваме на Исланд, па преку Лондон се враќаме во Скопје. Натпреварите се убаво искуство, дружбата со фудбалерите исто. Билети понекогаш е тешко да се набават, но фудбалерите секогаш ми помагаат за да ги гледам натпреварите кога стадионите се исполнети и слично. Сум бил на многу натпревари на Горан Пандев на пример, на Александар Трајковски, на Енис Барди, Столе Димитриевски, Илија Несторовски, Давид Бабунски...“

Игор ни раскажа и една анегдота од Швајцарија, кога го гледал Давид Бабунски како член на Грасхоперс, а е поврзана со моментално најдобриот стрелец на Тун, хитот кој игра за титула. Сигурно погодувате, тоа е Елмин Растодер.

„Има интересен момент кога бев да го гледам Давид Бабунски во Грасхоперс, во Швајцарија. По крајот на мечот Бабунски дојде да ми го даде дресот, а се појави еден човек од страна и ми вели - „Може ли да се сликам со Бабунски со твоето македонско знаме? Мојот син игра тука во младинските категории“. Јас секако му го дадов знамето и го прашав кој му е син. „Елмин Растодер“, ми одговори. Ми кажа дека сака да игра за Македонија еден ден. Чудна случајност. По долги години ми испрати дрес од Тун, сега ќе бидат шампиони“

Тешко му е да издвои најомилен натпревар, а ако мора да каже некој настан, тогаш тоа е Европското првенство со Македонија. Гледал многу натпревари, но сон на Игор е еден ден да гледа Светско првенство додека игра репрезентацијата.

„Најомилен натпревар? Тешко е да се издвои кога гледаш наш фудбалер, затоа што е различна приказна и секој настан си има своја убавина. Не е само натпреварот, туку и пред и потоа, се си има свое шоу. Сите работи ми се при срце. Но, дефинитивно ако треба да издвојам ете, Европското првенство со Македонија. Без разлика на резултатите, мислам дека тоа беше тоа, врвот. Клупски, не можам да кажам. 

Сум бил на повеќе места, со Македонија во Лихтенштајн каде што бев да го гледам мечот, а локалците се прашуваа зошто доаѓам затоа што сум знаел дека ќе победиме. Бев во Летонија, Австрија, Словенија, Англија... и супер е, репрезентација и клупски фудбал е многу различен. Фудбалерите сакаат кога добиваат поддршка, убав момент за нив е кога дошол да ги гледа меѓу на пример 55.000 луѓе.

Сум бил на натпревари што не се поврзани со Македонија, на пример Арсенал - Манчестер Јунајтед од времето на Бекам, Њукасл - Челзи од времето на Зола, Монако - ПСЖ... но тоа биле се мечеви поврзани со патувања. Го имам гледано Лионел Меси во живо со Барселона. Она што еден ден би сакал да го видам е Македонија на Светско првенство.“

За крај, Игор ни раскажа и за своето хоби – колекционерството на дресови.

„За дресови, имам над 100 дресови стриктно од македонски репрезентативци. Во најголем дел од случаите, тие ми се лично од нив и бесценет подарок и спомен за цел живот. Желба ми е еден ден да ја комплетирам цела колекција од Горан Пандев, ми фали дрес од Специја на пример или од Беласица. Голем фан сум на тие дресови, дури и што од пензионираните фудбалери барам дресови да си купам. Сум наоѓал дресови низ други држави од нашите фудбалери низ светот и сум ги нарачувал и чекал.“

Во Шкотска, Игор и неговата сопруга добија толку голема почит, што имаа средба и со првиот министер на Шкотска, Џон Свини. Иако за спротивни табори – Игор за Ренџерс, Џон за Хартс – двајцата си порачаа во трката за титула да победи подобриот. Спортот е над сѐ! Дефинитивно, овие моменти за Македонецот и неговата сопруга се меморија која ќе остане за целиот живот.