Досегашниот тренер на Вердер Бремен е нов предводник на РБ Лајпциг

Германскиот стратег Оле Вернер е официјално нов тренер на бундеслигашот РБ Лајпциг. Младиот тренер потпиша договор со важност до 2027 година. 

Претходно, Вернер работеше во Вердер Бремен и Холштајн Кил, каде покажа дека има квалитети да предводи посилни бундеслигашки екипи. 

„Одушевен сум и среќен. Лајпциг е голем клуб кој секогаш сака успеси. Ќе работиме напорно за да ги оствариме нашите амбициозни цели. Нашите визии со управата се совпаднаа, тоа ми беше пресудно за да ставам потпис на договорот“, изјави новиот тренер. 

Лајпциг следната сезона сигурно повторно ќе ги атакува позициите што водат во Лигата на шампионите. Штотоку завршената кампања е оценета како неуспешна, затоа што тимот заврши на седмата позиција на табелата.