Дортмунд признава пораз: Баерн е првак, ние само сакаме да играме во ЛШ

Борусија Дортмунд вчера попладне одигра „атомски“ 35 минути и во вториот дел му даде шест гола на „фенерџијата“ Падерборн за убедливи 1-6. Фудбалерите на Фавр успеаја да одржат чекор со лидерот Баерн, но разликата на пет кола пред крајот остана седум бодови. 

Иако теоретски е возможно да се достигнат Баварците, Баерн игра во одлична форма и тешко веројатно е дека ќе испушти можност за нова титула. Ова тврдење го призна и спортскиот директор на Борусија Дортмунд, Михаел Цорк. 

„Баерн Минхен ќе биде првак на крајот. Ние само сакаме да завршиме на второто место и да се пласираме во Лигата на шампионите“, изјави Цорк. 

Шансата за да се сврти сезоната „милионерите“ ја испуштија во директниот дуел минатата недела кога на празниот „Сигнал Идуна Парк“ загубија 0-1 од Баварците.