• Мартин Танасковски

Лудото последно коло во Бундеслигата заврши во знакот на Баерн Минхен! Борусија Дортмунд се лизна, одигра шокантно реми пред својата публика со Мајнц (2-2) и така актуелниот првак со победа кај Келн (1-2) во самиот финиш се промовира во старо-нов првак во елитното друштво во Германија.
- Борусија Дортмунд - Мајнц 2-2:
„Милионерите“ имаа се во свои раце, но не успеаја да победат иако важеа за неверојатни фаворити, а имаа и полни трибини. Ситуацијата ја искористи владетелот во германскиот фудбал кој ја продолжи рекордната серија од 11 титули во низа, а Дортмунд ќе почека на своето прво одличје по она од пред една деценија кога тимот беше предводен од Јирген Клоп.
Дуелот на „Сигнал Идуна Парк“ започна кошмарно за домаќинот. Во 25 минути Дортмунд се распадна, затоа што Ханче Олсен и Онисиво во 15. и 24. минута погодија за 0-2 за екипата на Мајнц, а исто така Але промаши и пенал. Аутсајдерот на хартија пред „жолтите трибини“ го задржа водството од 0-2 и до полувремето, а „милионерите“ во игра ги врати Гереиро во 69. минута. На ремито се чекаше до 95. минута, кога погоди Зуле, ама немаше време за нешто повеќе.
- Келн - Баерн Минхен 1-2:
Баерн Минхен гостуваше кај Келн и со победа во самиот финиш се промовира во шампион на Германија (1-2). Уште во 8. минута Сане го проигра Коман, а тој реализира за предност. Пред финишот на првиот дел погоди и Сане, ама голот го поништи ВАР поради игра со рака при акцијата. На десет минути пред крајот, дојде студен туш за фаворитот, затоа што Љубичиќ израмни од пенал на 1-1. Се играше 89. минута кога дојде голот за титула, кој беше дело на Мусиала.
Баерн и Дортмунд завршија со по ист број на бодови на табелата, вкупно 71, а до титулата „баварците“ дојдоа поради подобрата гол-разлика. Во Лигата на шампионите од Бундес патуваат уште РБ Лајпциг и Унион Берлин, Фрајбург е во Лига Европа, а Баер Леверкузен ќе игра Конференциска лига. Во понизок ранг се селат Шалке и Херта, а Штутгарт ќе игра бараж за опстанок.