Дортмунд доминира на гостувањата, „фармацевтите“ се во длабока криза

Стара болка, нови загубени бодови. И така од коло во коло, од викенд во викенд. Борусија од Дортмунд отпаѓа од трката за титула затоа што на домашен терен не може да победи екипи како Келн, Мајнц, Штутгарт... Само една победа на „Сигнал Идуна Парк“ на последните пет натпревари. Но, на гостувањата е нешто друго. Пред десет дена надигран е РБ Лајпциг, претходно Вердер, Херта, Хофенхајм, во Лигата на шампионите Бриж и Зенит. Оттука, Дортмунд важи за фаворит пред пресметката со Леверкузен.

Екипите кои се затвораат и чекаат контра ѝ прават многу проблеми на Борусија. Оние кои се надигруваат и сакаат да нападнат, му годат на тимот, затоа што „милионерите“ со нив знаат како. Тоа се виде на дело во Лајпциг, кога повторно како минатата сезона владееа Санчо и Халанд.

Баер е во криза, славеше само еднаш во последните месец дена. А тука е и проблемот во ефикасноста – во истиот период, не сметајќи ги настапите во Купот, „фармацевтите“ дадоа само три гола, а примија по еден на секој натпревар.

Минатата сезона во Леверкузен видовме спектакуларен натпревар. Борусија водеше со 2-1 и 3-2, а заврши 4-3 за домаќините. Сезона претходно на „Бај Арена“ беше 4-2 за Дортмунд, а меѓу тие две пресметки, двапати се играше на „Сигнал Идуна Парк“ и беше 4-0 и 3-2 за „милионерите“.