Доривал Жуниор доби отказ, Бразил конечно тргнува по странски селектор?

Доривал Жуниор доби отказ од Бразилската фудбалска федерација поради слабите резултати, па така сега започнува потрагата по нов селектор кој ќе ги предводи „кариоките“ во мундијалските квалификации. 

Повторно се актуелизираше темата за евентуално доаѓање на Карло Анчелоти, но сега се појави информација дека во игра за ова работно место е и тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола

Наводно, веќе биле остварени првични контакти со Шпанецот, но повеќе детали не се познати. Се смета дека „пик“ број еден е Анчелоти, иако тој уште има важечки договор со Реал Мадрид. Сепак, би било можно италијанскиот стратег да го преземе националниот тим во текот на летото, особено ако не му биде продолжена соработката со „кралскиот“ клуб. 

Како еден од сериозните кандидати се споменува и Жорж Жезус од Ал-Хилал, но нему му се даваат најмалку шанси во однос на гореспоменатите тренери. Бразил доживеа дебакл на мечот со Аргентина (4-1), а во моментов е четвртопласиран во квалификациите со вкупно 21 бод.