Донесе пет трофеи, па побара луда тренерска плата!

Прашање на момент е кога Филипе Луис ќе се врати во Европа, овојпат како тренер, откако како играч остави длабока трага во Атлетико Мадрид, а потоа имаше и сосема солидна епизода во Челзи.

Заминувањето во Фламенго за да ја заврши кариерата му ја отвори вратата кон тренерскиот занает, а во 2024 година, по отказот на Тите, поранешниот сигурен лев бек ја презеде екипата и со неа ги покори Бразил и Јужна Америка. Сега, со оглед на тоа што договорот му истекува на крајот од годината, се поставува прашањето дали ќе остане на „Маракана“.

Актуелната ситуација е таква што преговорите влегоа во деликатна фаза. Имено, Луис и неговиот агент бараат 5.000.000 евра по сезона, нето, со одредени бонуси и ниска откупна клаузула во случај на интерес од европски клуб. Во Фламенго сметаат дека тоа е претерано и дека таква плата не би добил никаде во Европа, па се обидуваат да ја намалат бараната сума.

Славниот бразилски клуб оваа година освои дури пет трофеи. Доколку Филипе Луис си замине од Фламенго, како негов наследник се споменува поранешниот стратег на Ботафого, Артур Жорж.