Донарума стана најдобар млад играч и порача: Секогаш ќе му бидам благодарен на Синиша!

Одличниот голман на Милан ја доби наградата за најдобар италијански играч до 21 година и во Торино на доделувањето не испушти да се заблагодари на човекот кој веруваше во него. Џиџо Донарума дебитираше за Милан под водство на Синиша Михајловиќ, на само 16 години. Инаку тој влезе и на финалниот список во изборот за „Златно момче“ во Европа. 

<<< ПОВРЗАНО - Жоао Феликс крунисан во „Златно момче“ за 2019 година

Младиот голман во секоја можност истакнува колку е благодарен до српскиот тренер кој верувал во него и „го фрли во оган“. 

„Секогаш ќе бидам благодарен на Синиша. Имаше храброст да ме пушти да дебитирам на 16 години. Многумина зборуваат дека сум феномен, но јас само размислувам да работам напорно и да напредувам“, се заблагодари Џанлуиџи. 

Тој даде свое мислење за оваа сезона и лошиот старт. Сепак, една од ретките светли точки на Милан смета дека работите одат на подобро. 

„Нам ни оди добро, штета за нерешениот резултата, но тимот се подобрува и сака победи. Сега треба да работиме за да одиграме добро против Аталанта. Со Сасуоло недостигаше само погодок, завршницата мора да ја подобриме“, призна голманот. 

Донарума по повод прославата на 120-годишнината од основањето на клубот запозна многу ѕвезди на „Сан Сиро“, што за него претставува голема чест. Тој се осврна и на претстојното Европско првенство. 

„Да се запознаеш со шампионите од минатото имаше одличен ефект, ми беше чест да бранам на „Сан Сиро“, каде што тие ја испишале богатата историја на клубот“, заврши чуварот на мрежата на Милан. 

„Златното момче“ за 2019 година во Италија за „росонерите“ веќе има 157 настапи со само 20 години, а ќе биде и прв избор на голот на репрезентацијата за претстојното Европско првенство.