Донарума: Никогаш не ни помислив да го напуштам Милан!

Вчера, еден од најнадежните италијански фудбалери, Џанлуиџи Донарума, го продолжи договорот со екипата на Милан. Младиот голман на „Сан Сиро“ ќе остане до 2021 година, а по потписот на новиот договор тој изјави дека никогаш не помислувал да ги напушти редовите на „росонерите“.

„Среќен сум и горд што ќе останам во Милан. Јас израснав во овој клуб и никогаш не ни помислив да го напуштам. Жал ми е за навивачите, но да повторам, никогаш немав намера да ги изневерам. Сакам да им се заблагодарам за поддршката што ми ја даваа во претходните две сезона, се надевам дека така ќе биде и во иднина“, истакна Донарума. 

18-годишниот голман доби нов четиригодишен договор во кој ќе заработува шест милиони евра по сезона, со една откупна клаузула од 70 до 100 милиони евра и друга од 50 милиони евра, доколку Милан не се натпреварува во Лигата на шампионите.