ВИДЕО: Доминацијата крунисана со еден гол, Барди најавува прва квалификациска победа

Македонската фудбалска репрезентација води по првиот дел со 1-0 против Лихтенштајн, во првиот домашен натпревар во квалификациите за Светското првенство во Катар. 

Ангеловски изврши три замени од натпреварот во Букурешт, па шанса добија Радески, Спировски и Трајковски од првата минута. Во петтата минута Пандев со десната нога биеше од непосредна близина, но гостинскиот голман лесно одбрани. Во осмата минута голманот на Лихтенштајн ни подаде рака да го отвориме резултатот. Барди изведе слободен удар од позиција на скратен корнер, голманот Бухел ја испушти топката од раце и таа заврши зад неговиот грб (1-0). 

Во 11. минута Барди изведе нов слободен удар, сега многу подобро биеше, отколку при голот, но пречката го спаси Лихтенштајн.

Следеа два обиди на гостите од голема далечина и еден корнер, но и покрај првата несигурност, Димитриевски немаше посебни причини да интервенира. Во 19. минута Елмас биеше дијагонално од левата страна, но крај голот на Бухел. 

Централниот дел од полувремето мина во збркана игра, по малку и рамноправна, но Македонија ништо не ризикуваше против инфериорниот противник. Во 36. минута Македонија бараше пенал врз Радески, кој беше турнат по центаршутот од десната страна на Трајковски, но судијата Балакин од Украина не ја прекина играта.

Иако топката беше постојано во нашите нозе, зрели шанси не креиравме во последната фаза на полувремето. Предноста е комотна, но потребен е уште некој гол за потврда на раликата во квалитет.