Доминација: БАТЕ Борисов 11. година по ред шампион на Белорусија

Фудбалерите на БАТЕ Борисов со денешната победа на гости кај Гранит Микашевич од 0-1, на пет кола прет крајот на шампионатот дојдоа до нова титула шампион на Белорусија. На тој начин продолжена е доминацијата која сега гласи 11 години во низа неприкосновеност на клубот од Борисов.

Јунак на БАТЕ Борисов во денешниот дуел беше Николај Сингевич, кој единствениот гол на мечот го даде во финишот, погодувајќи во 86. минута. На пет кола пред крајот на шампионатот веќе старо-новиот шампион има 63 бода, дури 18 бода повеќе од второпласираниот Шахтјор.

Севкупно сега бројката на титули шампион на Белорусија на контото на Бате Борисов се зголеми на 13, со оглед на тоа што исто така клубот беше шампион и во 1999 година како и во 2002 година. Овој клуб на два наврати гостуваше во Македонија во рамки на првото квалификациско коло за Лигата на шампионите. Првото гостување на БАТЕ Борисов во Скопје беше 2009 година против Македонија ЃП (2-0), додека вториот пат против Вардар во 2012 година (0-0).