• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Удинезе направија огромно изненадување во второто коло од Серија А, совладувајќи го Интер на „Џузепе Меаца“ со 2-1. Тимот од Удине со оваа победа стигна до четири освоени бода, додека вицешампионот на Европа и Италија доживеа вистински удар веднаш по убедливиот старт против Торино (5-0).
- Интер - Удинезе 1-2:
Новиот тренер на „нероазурите“, Кристијан Киву, има многу причини за загриженост, бидејќи неговиот состав делуваше бледо и нефокусирано, а поразот пред домашната публика дополнително ја зголемува тензијата пред репрезентативната пауза. Интер сепак започна одлично и уште во 17. минута поведе по брза транзиција преку Маркус Турам и Федерико Димарко. Французинот со многу среќа ја проследи топката до Дензел Дамфрис, кој од непосредна близина ја затресе мрежата за водство од 1-0.
Сепак, радоста траеше кратко. Во 29. минута Удинезе доби пенал кој сигурно го реализираше Дејвис, израмнувајќи на 1-1. Само десет минути подоцна следеше нов удар за домаќините – младиот Артур Ата одлично се ослободи од чувањето на Бисек, шутираше силно од 17 метри и со прецизен удар го совлада Јан Зомер за целосен пресврт, 1-2.
Интер во второто полувреме влезе агресивно во потрага по израмнување. Во 56. минута беше поништен прекрасен погодок на Димарко поради минимален офсајд на асистентот Турам. Неколку минути подоцна Бисек ја имаше најголемата шанса за израмнување, но неговиот удар од само неколку метри заврши над голот.
Како одминуваше времето, Удинезе ја стабилизираше својата игра и во последните петнаесетина минути неколкупати се закани преку контранапади. На крајот, гостинот го издржа притисокот и заслужено ги понесе трите големи бода во Удине, оставајќи го Интер во сериозни проблеми.
- Лацио - Верона 4-0:
Во исто време во Рим, Лацио ја запиша својата прва победа во сезоната со убедлив триумф од 4-0 против Верона. Жандуји погоди уште во третата минута, а Закани во десеттата зголеми на 2-0. До крајот на првото полувреме Тати Кастељанос беше прецизен за 3-0, додека конечните 4-0 ги постави Булаје Дија во 82. минута. Со оваа победа Лацио освои три бода и се врати на победничките патеки, додека Верона остана со еден освоен бод по првите две кола.






