„Домаќините бараа замени, па стоеја на терен, а публиката сакаше да ги натепа!“

Главниот судија Игор Стојчевски, го даде својот официјален извештај до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за скандалозниот меч меѓу Кожуф и Башкими кој беше решен со гол во 95. минута откако домашната екипа застана на терен.

Во извештајот до ФФМ, стои дека арбитрите како меѓународни судии се срамеле што биле дел од овој меч и ако е потребно стојат на располагање за повеќе извештај.

„Увидовме на натпреварот дека нешто сомнително се случува, домашните играчи скоро сите почнаа да бараат принудна замена и сакаа да го напуштат теренот за игра. При скоро секоја акција на гостинската екипа, домашните играчи стоеја на теренот и не играа како што играа во првото полувреме. За волја на вистината, домашниот голман беше на висина на задачата се до последната акција,каде што застана заедно со целата домашна одбрана која не беше заинтересирана да го блокира гостинскиот напад и гостинската екипа постигна погодок. Вториот погодок беше постигнат во 93 минута и 12 секунда. Второто полувереме беше продолжено за пет минути бидејќи имаше направено 8 измени и плус имаше интервенција од брза помош која влезе на теренот поради повреден гостински играч и само тој прекин траеше четири минути и 27 секунди. На крајот од натпреварот домашната публика сакаше да влезе во теренот за игра и физички да се пресмета со играчите, но до тоа не дојде бидејќи пристигнаа два полицајци до играчите. Ние како меѓународни судии се срамиме што присуствувавме на ваков срамен натпревар. Ако треба стоиме на располагање за дополнителен извештај.“, стои во извештајот.

Мечот меѓу Кожуф и Башкими заврши со резултат 1-2, победата им беше потребна на гостите за влез во ПМФЛ. Во продолжение, погледнете го записникот од мечот.