Дојде време за ВМФЛ, 16 екипи ветуваат возбудлива сезона и битка за врвот

Денес ќе се крене завесата на новата сезона во Втората македонска фудбалска лига - ВМФЛ. За разлика од минатите сезони, годинава ќе се игра една лига, со 16 екипи и зголемена конкуренција во битката за врвот. Првите две екипи ќе се пласираат директно во ПМФЛ, додека третиот и четвртиот ќе играат бараж за останатите места. 

Сезонава конкуренцијата ќе биде пеколна, многу екипи целат кон излез во елитниот ранг на фудбалот. Пред сè се мисли на Вардар и Пелистер, македонските гиганти кои се во проблеми и поради тоа се во втората лига. Сепак, „вечните“ ривали иако засилени, нема да имаат лесна задача во ВМФЛ.

За високи позиции ќе конкурира Гостивар кој сериозно го засили тимот, се подготвуваше уште годинава да влезе во ПМФЛ наместо Ренова, ама тоа не се исполни. Покрај нив, тука се и Беласица и Воска Спорт, екипи кои лани играа во баражот за излез во елитата, ама ги загубија натпреварите. Не смее да се изостави ниту Борец, ланскиот прволигаш кој иако има целосно реновиран состав, се работи за мешавина на искуство и младост. Многу клубови имаат амбиции за врвот, барем во воведниот дел на сезоната. Вреди да се спомене и новајлијата во лигата Арсими, кој со искусно име на клупата, Бујар Ислами, ќе се обиде да ги изненади останатите. Клубот од Чергане покрај Ислами, добро го засили тимот и веројатно ќе биде во горниот дел од табелата. Првиот вистински тест ќе го има уште во првата рунда со вардарци. 

По еднонеделно одложување, дојде време и за стартот на второлигашкото првенство. Првата рунда ветува возбудувања, седум од осумте натпревари се играат денес во 17:00 часот, со исклучок на дуелот меѓу Борец и Слога Виница кој ќе се одигра в среда.

  • Првото коло во ВМФЛ:

Кожуф – Пелистер
Арсими – Вардар
Локомотива Пехчево – Гостивар
Охрид – Тетекс
Детонит – Беласица
Караорман – Воска Спорт
Саса – Беса
Борец – Слога Виница (среда)

Се очекува оваа година да биде една од највозбудливите во второлигашкото друштво, пред сè поради имињата кои настапуваат, клубовите со прволигашки засилувања, но и самиот факт дека 16 екипи ќе се борат за четирите места во една споена лига.