• Иван Димовски
Анте Ребиќ продолжува да тоне на фудбалски план. Хрватскиот фудбалер кој летово од Милан се пресели во Бешикташ и се очекуваше да биде огромно засилување, воопшто не ги исполни очекувањата и според најавите од Турција, клубот размислува да му го прекине договорот.
30-годишникот има проблем со недисциплината во последните сезони. Сè започна со критиките до селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, а продолжи со лошите партии во Милан. „Росонерите“ сакаа по секоја цена да се одлободат од Хрватот минатото лето, а тоа го направија така што бесплатно го пуштија да прејде во Бешикташ.
Ниту во Турција не му „цветаа рози“, Ребиќ имаше расправии со претходниот тренер Јилдис поради што беше отстранет од првиот тим. Подоцна хрватското крило се врати во ротацијата, а очигледно е дека неговото незалагање не му се допаѓа ниту на тренерот Фернандо Сантош. Тоа најдобро го покажа фактот дека во мечот со Сиваспор, Сантош го остави Ребиќ на клупа, а пред него шанса добија двајца тинејџери од 19 и 16 години.
Според турските медиуми, Ребиќ константно бара да биде стартер, па кога тоа нема да се исполни е незадоволен, немотивиран и не тренира на високо ниво. На Бешикташ веројатно му дојде преку глава и ја разгледува можноста уште во овој преоден рок да го раскине договорот со Хрватот. Во клубот Ребиќ е меѓу најплатените бидејќи има договор од 2,5 милиони евра по сезона до 2025 година. Доколку се исполнат најавите и договорот се раскине, Ребиќ ќе биде во незавидна позиција пред крајот на преодниот рок.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.