• Мартин Танасковски
Францускиот фудбалер Пол Погба официјално се врати на терените по 811 дена откако последен пат настапи за Јувентус во септември 2023 година, пред да биде суспендиран по позитивен допинг тест.
Фудбалерот, кој во 2016 година направи спектакуларен трансфер од Јувентус во Манчестер Јунајтед вреден 105 милиони евра, долго време чекаше на можноста за вистински повраток на фудбалската сцена. Првичното четиригодишно исклучување од професионалниот фудбал подоцна му беше намалено на половина, што му овозможи повторно да се врати како играч на Монако.
Сепак, проблемите со повредите од почетокот на сезоната дополнително ја одложија неговата игра. На крајот, тој се појави на теренот оваа сабота, кога влезе од клупата во 85. минута на натпреварот против Рен во француското првенство, во момент кога неговиот тим веќе губеше со 4-1 и играше со десет играчи.
Иако овој настап беше само краток, тој означува крај на долгата пауза од 811 дена и можен почеток на нова фаза од кариерата на светскиот шампион од Мундијалот 2018.








