Дојде и тој ден: Пиза по 34 години слави калчо-победа (ВИДЕО)

Фудбалерите на Пиза конечно го прекинаа долгогодишното чекање за победа во италијанската Серија А, совладувајќи ја на домашен терен екипата на Кремонезе со минимални 1-0 во натпревар од 11. коло на првенството.

  • Извештај од натпреварот:

Оваа победа има историска тежина за тимот од Тоскана, бидејќи минаа точно 34 години од нивниот последен триумф во највисокото фудбалско друштво на Италија. По речиси четири децении и бројни обиди за враќање на елитната сцена, вечерта во Пиза ќе остане запаметена како симбол на борбата на тимот.

Избраниците на тренерот Алберто Џилардино конечно ја прекинаа црната серија и тоа по 11 натпревари без победа од почетокот на сезоната. Гостите од Кремона пристигнаа на овој меч како едно од најпријатните изненадувања во тековниот шампионат, но домашниот тим покажа поголема желба и концентрација во клучните моменти.

Одлучувачкиот момент се случи во 75. минута, кога по одличен центаршут од левата страна на Трамони, напаѓачот Идриса Туре прекрасно се извиши над својот чувар и со силен удар со глава го совлада голманот Аудеро за конечни 1-0. До крајот на натпреварот, Кремонезе се обиде да израмни, но цврстата дефанзива на Пиза не дозволи изненадување. Домашните навивачи на стадионот „Арена Гарибалди“ ја прославија оваа победа како трофеј, свесни дека нивниот клуб повторно дише во елитното друштво.

Со овој триумф, Пиза излезе од зоната на испаѓање и сега се наоѓа на 16. место со освоени девет бодови, додека Кремонезе останува на десеттата позиција со 14 бодови.