Дојде и тој ден: Џиџи во солзи ѝ кажа збогум на својата „дама“ (ВИДЕО)

Еден од најголемите голмани во историјата на фудбалската игра Џанлујџи Буфон го одигра последниот натпревар за италијанскиот шампион Јувентус. 40-годишниот чувар на мрежата по завршувањето на оваа сезона ја напушта „старата дама“, но не откри кој ќе биде му следниот чекор во кариерата. 

Буфон зад себе остави неверојатни 17 години во тимот од Торино. Еден куп рекорди во италијанскиот фудбал се негови, а бура на емоции ги совлада навивачите на „бјанконерите“ по неговото простување.

Последниот меч со Верона тој го играше до 63. минута, кога Алегри реши да го повлече од игра. Целиот стадион прсна во плач, а имун на тоа не остана и самиот Џиџи. Плачеа и неговите синови, кои му аплаудираа од трибините, додека тој ги поздравуваше сите соиграчи, еден по еден.

Буфон има вкупно 639 меча во Серија А и е голманот со најмногу настапи во италијанскиот шампионат од сите голмани. Што се однесува до играчите тој е втор, пред него е само Паоло Малдини со 647 натпревари.

Вкупно голот на Јуве го чувал на 875 натпревари. Примил 729 гола, додека неговата мрежа мирувала на 383 натпревари. Единствен фудбалер кој одиграл повеќе натпревари за Јуве од него е Алесандро Дел Пјеро (705), но ниту еден член на „старата дама“ не бил на теренот повеќе минути од Буфон.

Заедно со Клаудио Маркизио, Џорџо Кијелини, Андреа Барзаљи и Стефан Лихштајнер, Џиџи Буфон го дели рекордот на најмногу освоени скудета во серија, откако оваа сезона триумфираа седми пат по ред.