• Горан Упале

Посебна е атмосферата вечерва на „Билино Поље“, каде Босна и Херцеговина го игра натпреварот против Шведска, но и се простува од еден од најголемите фудбалери во својата историја, Един Џеко.
Капитенот на „змејовите“ вечерва последен пат го носи репрезентативниот дрес, а навивачите подготвија посебна почест за својот капитен. Токму во 11. минута, симболично по бројот 11 кој Џеко го носеше во репрезентацијата, зградите зад стадионот „гореа“ од факели, а спектаклот беше зачинет и со огномет. Цел стадион го скандираше името на легендарниот напаѓач.
Џеко пред вечерашниот натпревар имаше 151 настап и 73 гола за Босна и Херцеговина, а дуелот со Шведска е негов последен во националниот дрес.
Емотивната вечер, сепак, нема да заврши со последниот судиски свиреж. По натпреварот е предвидена официјална церемонија со која ќе му биде оддадена почит на Џеко, а навивачите се повикани да останат на трибините и да бидат дел од неговото збогување.








