Договорот е постигнат: Нејмар останува во ПСЖ за историска плата

Многу веројатно е дека Нејмар ќе ја продолжи кариерата во редовите на ПСЖ. Случувањата во Барселона го премислија бразилскиот ас, кој во еден период најавуваше дека сака да направи кам-бек на „Камп Ноу“.

Деновиве се шпекулира околу новиот договор меѓу него и францускиот првак. Експертот за трансфери Фабрицио Романо пишува дека деталите се готови и дека останува само официјализација и потпис на фудбалерот.

Бројките не се познати за јавноста, но се најавува историски договор кој на Бразилецот ќе му донесе астрономски примања. Тука нема да застане неговата добивка, кој ќе се зголемува во вид на бонуси во зависност од резултатите остварени во наредните неколку сезони.

Нејмар е дел од клубот од Париз од 2017 година. Никој не веруваше дека толку долго време ќе се задржи во Франција, со оглед на интересот на многу други екипи.

Пред неколку недели неговиот поранешен агент откри богата понуда од Реал Мадрид во 2019 година. Наводно мадриѓани беа подготвени да платат дури 300 милиони евра за еден од најпопуларните фудбалери на денешницата.