Договорен е првиот калчо-меч надвор од Италија, ќе се игра во далечната Австралија

Екипите на Милан и Комо постигнаа договор да одиграат натпревар од Серија А во далечна Австралија. Доколку се добие зелено светло од сите релевантни фудбалски тела, средбата ќе се одигра во февруари во градот Перт.

Фудбалската федерација на Италија преку соопштение ја потврди намерата на клубовите. 

„Договорот на Милан и Комо нè приближува до историски момент за Серија А“, е дел од соопштението.

Доколку натпреварот биде одигран како што е планирано, ќе биде првпат меч од Серија А за бодови да се игра надвор од границите на Италија. ФИФА досега имаше јасен став против играње натпревар од домашни првенства во други земји, но минатата година направи прв чекор кон промена на таа политика со формирање работна група која го разгледува ова прашање.

Причината која ги натера клубовите на ваква идеја е фактот дека „Сан Сиро“ ќе биде зафатен во периодот кога треба да се одигра натпреварот.