ВИДЕО: Додев и Николиќ го решија Башкими, Силекс е четвртфиналист

Фудбалерите на Силекс го продолжуваат својот пат во Купот на Македонија, откако славеа на гостувањето кај Башкими со 1-2 (1-1) во осминафиналната фаза на натпреварувањето. 

Натпреварот на „Градскиот стадион“ во Куманово тргна доста отворено, а Силекс успеа рано да поведе. Течеше четвртата минута кога Дарко Додев постигна убав гол. Крилниот фудбалер откосо влезе во шеснаесетникот и со многу прецизен удар погоди во спротивниот агол од голот на Јашар (0-1). Долго време резултатот не се менуваше, а кумановци успеаја да израмнат пред полувремето. 

По една мешаница во шеснаесетникот својот голгетерски инстинкт повторно го докажа Марко Симоновски. Шпицот на Башкими дочека топка во шеснаесетникот и во лет ја зафати со полуволеј, па ја смести во мрежата за 1-1 во 42. минута. 

Во вториот дел Силекс се наметна, а на водечки и решавачки гол се чекаше до 68. минута. По еден корнер од левата страна топката во петерецот ја исконтролира Милош Николиќ и ја смести зад грбот на домашниот голман за 1-2. Резултатот до крајот на средбата не се менуваше и кратовчани прославија четвртфинале.