• Горан Упале
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се наоѓа под огромен притисок поради идејата дел од комерцијалните права поврзани со Светското првенство да преминат во рацете на приватен инвеститор, но тоа не го спречи да испрати голема порака од Мароко.
Шпански „Ел Еспањол“ пишува дека Шпанија и Португалија би можеле да застанат зад ставот на УЕФА и дури да се повлечат од организацијата на Мундијалот во 2030 година доколку Инфантино продолжи со спорниот проект.
Среде целата бура, првиот човек на ФИФА престојуваше во Мароко по повод 27-годишнината од крунисувањето на кралот Мохамед Шести и оттаму со голем оптимизам зборуваше за Светското првенство.
„Светското првенство во 2030 година ќе биде најдоброто, бидејќи ќе се одржи во најубавата земја на светот – Мароко! Овде се чувствувам како дома. Подготвени се да го пречекаат светот во 2030 година. Да живее Мароко!“, порача Инфантино.
Тој додаде дека за него е голема чест да престојува во земјата и упати пофални зборови до кралот и мароканскиот народ.
Мундијалот во 2030 година според актуелниот план треба заеднички да го организираат Шпанија, Португалија и Мароко, додека по еден натпревар ќе се одигра и во Уругвај, Аргентина и Парагвај по повод стогодишнината од првото Светско првенство.



