Додека цела нација слави, Аргентинскиот фудбалски сојуз под истрага за малверзација!

Додека Аргентина успешно чекори кон завршницата на Светското првенство, Аргентинската фудбалска федерација (АФА) се најде под истрага на американските власти поради сомнежи за перење пари и финансиски малверзации вредни повеќе од 300 милиони долари.

Според информациите, агенти на ФБИ и обвинители од американското Министерство за правда во Мајами го испрашувале бизнисменот Гиљермо Тофони, како дел од истрагата за комерцијалните договори на АФА и нивните финансиски трансакции преку компании и банки во САД.

Во исто време, претседателот на АФА, Клаудио „Чики“ Тапија, се наоѓа во Соединетите Американски Држави со аргентинската репрезентација. Тој и во Аргентина е предмет на постапка поради наводно неправилно управување со даночни и пензиски фондови. Засега не се поднесени официјални обвиненија, а американската истрага е во почетна фаза и има цел да ги утврди сите финансиски текови и евентуални прекршувања на законот.

Во меѓувреме, случајот доби и европска димензија, откако беше побарана истрага за работењето на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, како и за наводни судиски одлуки кои биле во корист на одредени репрезентации за време на турнирот.