Добрите игри на Ѓорѓев наградени со место во дрим-тимот на месецот!

Македонскиот фудбалски интернационалец Никола Ѓорѓев игра во одлична форма во дресот на Арау, а за него месец февруари беше најдобар оваа сезона. 

Имено, поранешниот младински репрезентативец на Македонија беше еден од најдобрите фудбалери на својот тим во вториот месец годинава, а со тоа заслужено си доби место во „дрим-тимот“ во лигата.

Ѓорѓев се најде меѓу најдобрите единаесет фудбалери за месец февруари во швајцарскиот второлигашки фудбал, благодарение на двата постигнати гола и една асистенција.

Во досегашниот дел од сезоната 27-годишниот Ѓорѓев постигна шест гола за Арау, тим кој е лидер на табелата и има најголеми шанси за пласман во елитниот швајцарски фудбал.