Добри вести за Барселона: „Единицата“ останува во тимот

Германскиот чувар на мрежата, Марк Андре Тер Штеген ги собра симпатиите на фановите со одличните партии на голот од Барселона. Иако се шпекулираше дека тој е пред заминување, бидејќи не може да се договори за побогат договор, самиот голман демантираше. 

Во разговор со „ДАЗН“, Германецот нагласи дека нема никакви шанси да замине ова лето, а преговорите за продолжување на соработката ги прекинал коронавирусот. 

„Нема шанси да заминам од Барселона ова лето. Мојот менаџер и клубот се сретнаа за да потпишам нов договор, но тогаш започна кризата и преговорите беа прекинати. Во време кога многу се плашат за својот живот, одлучивме да ги одложиме разговорите. Во Барса се чувствувам добро, а и моето семејство ужива во градот“, изјави голманот. 

Тер Штеген од пристигнувањето во редовите на „блауграна“ во 2014 година запиша 224 настапи меѓу стативите, а од нив на 94 успеал да ја сочува својата мрежа недопрена. Во репрезентацијата на Германија долго беше во сенка на Мануел Нојер и одигра само 24 меча. Сепак, со сигурните партии во Барселона тој полека го презема приматот од голманот на Баерн Минхен.