Добри вести за Ангеловски: Велковски дебитираше за Ријека во ХНЛ

Дарко Велковски го запиша својот деби настап за Ријека, во кој на крајот неговиот тим, во рамките на 22. коло на ХНЛ славеше победа на гостински терен против Рудеш со 2-4 (1-2).

23-годишниот одбранбен играч доби шанса на стартот на вториот дел при водство на својот тим од 1-2. Мечот не започна поволно за тимот на Ријека, бидејќи домаќините преку Вуцо во 15. минута поведоа со 1-0, но гостите со погодоците на Горгон и Акоста во само две минути направија комплетен пресврт (1-2). Во продолжение Ријека преку Горгон и Пулиќ поведе со високи 1-4, а конечните 2-4 ги постави Јурановиќ во 82. минута.

Македонскиот репрезентативец одигра одлични 45 минути и ги издржа напорите на теренот по последните проблеми со повредите. Во текот на вториот дел имаше и извонредна интервенција и од гол линија, па спаси чист погодок за домаќините.

Деби настапот на Велковски за хрватскиот тим е добра вест и за селекторот Игор Ангеловски, кој ќе може да смета на Велковски за претстојниот квалификациски циклус. За сениорската репрезентација на Македонија дефанзивецот запиша 11 натпревари, а своето деби го имаше во 2014 година.