Владата даде дозвола: Копа Италија стартува на 13, а Серија А на 20 јуни

Фудбалот во Италија запре уште во март, а земјата беше меѓу најпогодените во Европа од вирусот ковид-19. Поради тоа, властите и челните лица на лигата се многу внимателни околу враќањето на спортот во земјата. 

По бројните шпекулации, министерот за спорт Винченцо Спадафора даде „зелено светло“ и натпреварите од Серија А и официјално ќе продолжат на 20 јуни. 

Седум дена претходно треба да продолжи Копа Италија со реванш дуелите од полуфиналето, каде играат Интер против Наполи и Јувентус со Милан. Планот е пред враќањето на првенствените мечеви да се одигра Копа Италија, каде финалето би можело да се одигра на 17 јуни.

„Денешниот состанок беше многу успешен и на него беа прифатени сите протоколи, па фудбалот ќе може да продолжи. Од ФИГЦ се сложија дека доколку нема услови ќе се употреби поинаков расплет во видот на плеј-оф или уважување на моменталниот ранкинг. Сепак, фудбалот во Италија ќе се врати на 13 јуни со натпреварите од Копа Италија, додека Серија А ќе продолжи седум дена подоцна“, изјави Спадафора. 

На состанокот, освен проектираните датуми, беа уважени повеќе протокол,и меѓу кои и задолжителен карантин за фудбалер доколку е позитивен, но не и за целиот тим. 

Властите во земјата дадоа „зелено светло“, па сега останува уште фудбалскиот сојуз да ги потврди датумите и саатниците за рестартот на фудбалот во Италија.