Добра заработка за клубовите: УЕФА ќе распредели рекорден награден фонд!

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) ќе распредели вкупно 3,3 милијарди евра меѓу клубовите кои ќе настапуваат во нејзините натпреварувања, но убедливо најголемиот дел од средствата ќе заврши кај учесниците во Лигата на шампионите.

За Лига Европа се предвидени 565 милиони евра, што претставува нешто повеќе од 17 проценти од вкупниот награден фонд, додека Лигата на шампионите ќе добие околу 2,48 милијарди евра, односно повеќе од 74 проценти од расположливите средства.

УЕФА ги задржа истите парични надоместоци за клубовите кои ќе бидат елиминирани во квалификациите. Испаѓањето во првото коло носи 150.000 евра, во второто 350.000, а во третото 550.000 евра. Клубовите кои ќе бидат елиминирани во плејофот за Лигата на шампионите ќе добијат 4,29 милиони евра, додека елиминацијата во истата фаза од Лига Европа и Конференциската лига ќе биде наградена со 750.000 евра.

Самото учество во лигашката фаза на Лига Европа носи загарантирани 4,31 милиони евра. Тоа значи дека екипа која ќе испадне во плејофот за Лигата на шампионите, а потоа ќе продолжи во Лига Европа, ќе инкасира најмалку 8,6 милиони евра.

Дополнителни приходи ќе носат и резултатите во лигашката фаза. Секоја победа вреди 450.000 евра, ремито носи 150.000 евра, а неискористените средства од нерешените натпревари ќе бидат прераспределени меѓу клубовите пропорционално на бројот на остварени победи.

Пласманот на табелата исто така ќе биде награден - последнопласираниот тим ќе добие бонус од 75.000 евра, додека првопласираниот ќе заработи дополнителни 2,7 милиони.

Клуб кој ќе започне директно во лигашката фаза, ќе ги добие сите натпревари и ќе ја освои Лига Европа може да инкасира повеќе од 32 милиони евра, без да се пресметува дополнителната заработка од настапот во Суперкупот на УЕФА.