Доаѓа крај на една голема ера во Манчестер Сити!

Португалскиот репрезентативец Бернардо Силва би можел да ја игра последната сезона во дресот на Манчестер Сити, со оглед на тоа што засега нема конкретни знаци дека соработката меѓу играчот и англискиот клуб ќе биде продолжена.

Според информациите на познатиот спортски новинар Матео Морето, во овој момент не се водат разговори за нов договор меѓу двете страни. Ова дополнително ги засили шпекулациите кои веќе подолго време кружат во англиските медиуми дека искусниот играч од средниот ред е подготвен за ново поглавје во својата кариера по долгиот престој во Манчестер.

Силва, кој има 31 година, веќе девет сезони е дел од тимот на Манчестер Сити и во тој период се етаблираше како еден од најсигурните и најважни играчи во системот на клубот. Од неговото пристигнување во Манчестер, португалскиот фудбалер одигра вкупно 445 натпревари, постигна 42 голови и забележа 34 асистенции.

Неговата улога не е занемарлива ниту во тековната сезона. Силва има акумулирано 2.782 минути на теренот во сите натпреварувања, при што придонесе со два погодоци и пет асистенции, што повторно ја потврдува неговата важност во играта на тимот.

Бидејќи актуелниот договор на фудбалерот истекува следното лето, вниманието сè повеќе се насочува кон неговиот следен чекор во кариерата. Меѓу клубовите кои најчесто се споменуваат како можни нови дестинации се наоѓа и шпанскиот гигант Барселона, кој веќе подолго време се поврзува со интерес за ангажман на креативниот играч од средниот ред.