Дита: Полни сме со оптимизам, сакаме три бода од дуелот во Чаир!

Екипата на Шкендија на распоредот има мега-пресметка во 17. коло на Првата македонска фудбалска лига и ќе се соочи со Шкупи, со кого има идентичен скор на првенствената табела, но чаирчани се први само поради подобрата гол-разлика. 

Тетовчани ќе пристигнат во Чаир полни со оптимизам и најавуваат голема борба за бодовите во дерби-мечот од ПМФЛ. Со ваков став е и албанскиот интернационален од редовите на Шкендија, Бруно Дита, кој сака тетовчани да се вратат дома со трите бода. 

„Одигравме квалитетно против Работнички и заслужено победивме во минатото коло. Натпреварот со Шкупи доаѓа во вистински момент за нас и мислам дека имаме сили да славиме во Чаир. Најдобро би било да се вратиме дома со трите бода, но знаеме дека нема да биде лесно. Очекувам добро издание од нашиот тим и голема борба за бодовите“, изјави Дита. 

Шкендија ќе има неколку отсуства во тимот за овој меч (надвор од стројот се Максимов, Ќаќа и Красниќи), но сепак се очекува одличен и квалитетен фудбал на натпреварот со Шкупи. Дербито од 17. коло на ПМФЛ е закажано за в недела, со почеток во 13:00 часот.