Дисциплинска постапка против Шкендија по шест основи, тетовчани соочени со големи казни!

Дисциплинската комисија на Фудбалска федерација на Македонија, по разгледување на службените извештаи и официјалните информации поврзани со финалниот натпревар од Купот на Македонија меѓу Силекс и Шкендија, ги донесе следните одлуки:

– Поведување дисциплинска постапка против Шкендија поради непочитување на националната химна, исвиркување на истата и нестанување при нејзиното интонирање од страна на навивачите на клубот.

– Поведување дисциплинска постапка против Шкендија поради користење пиротехнички средства во текот на целиот натпревар (34 големи бакљи, 19 мали бакљи, 8 топовски удари, 14 дветлечки бакљи).

– Поведување дисциплинска постапка против Шкендија поради националистичко скандирање.

– Поведување дисциплинска постапка против Шкендија поради истакнување знамиња со навредлива и недозволена содржина, како и истакнување на знаме со нацистичка содржина за што веќе беа санкционирани од УЕФА.

– Поведување дисциплинска постапка против Шкендија поради скандирања со навредлива содржина кон ФФM.

– Поведување дисциплинска постапка против Шкендија поради одбивање да ги примат медалите, како и поради недоличен и деградирачки однос на фудбалерите и официјалните лица на клубот за време на церемонијата по завршувањето на натпреварот.

– Поведување дисциплинска постапка против Силекс поради националистички извици и употреба на пиротехнички средства.

Фудбалска федерација на Македонија изразува сериозна загриженост и разочараност од однесувањето на дел од актерите на натпреварот, особено од постапките на раководните луѓе на Шкендија и фудбалерите кои директно го нарушуваат угледот на македонскиот фудбал и достоинството на едно финале кое треба да биде празник на спортот.

Федерацијата вложи максимални организациски напори натпреварот да помине во фер, спортска и достоинствена атмосфера, со високи безбедносни и организациски стандарди. Наместо тоа, јавноста беше сведок на недолично и неодговорно однесување кое не смее да има место на фудбалските терени. Недозволиво е раководни структури и поединци, наместо да придонесуваат за смирување на тензиите, да создаваат атмосфера на поделби, провокации и континуирано барање алиби за сопствените неуспеси, неспособност и незнаење. Парите и богатството не значат имање спортска и општа култура. Фудбалот и спортот воопшто бараат почит, одговорност и фер-плеј, а не провокации, навреди и поттикнување недолично однесување.

Комисијата утврди дека со однесувањето на претставниците на Шкендија е изразен директен презир кон Фудбалска федерација на Македонија како организатор и носител на натпреварувањето, преку омаловажување на официјалниот протокол и институцијата која го организира натпреварувањето. Истовремено, со одбивањето да се учествува во церемонијата за доделување медали, беше покажано непочитување и кон противничката екипа, бидејќи ваквото однесување претставува фактичко непризнавање на резултатот и омаловажување на постигнатиот спортски успех.

Фудбалската федерација на Македонија оцени дека последното соопштение на Шкендија е целосно неприфатливо, неосновано и во очигледна спротивност со утврдената фактичка состојба, со содржина која претставува навреда за здравиот разум и интелигенцијата на спортската јавност.

Фудбалска федерација делува цврсто определена во намерата доследно да ги санкционира сите облици на недолично однесување, без разлика на клуб, поединец или функција.