• Саше Љолес

Спортскиот и извршен директор на Интер, Бепе Марота, изјави дека клубот е во сѐ подобра финансиска ситуација и правилните потези на трансфер-пазарот почнуваат да ги покажуваат своите резултати.
Марота е познат по неговата дарба за пронаоѓање „евтини“ или слободни фудбалери, но во исто време квалитетни и подготвени за настап на највисоко ниво, а тоа го докажа и кога беше дел од Јувентус, со кој освои многу трофеи во италијанскиот фудбал. Слична практика Марота пренесе и во Интер, а тимот оваа сезона конечно може да се пофали со одлични поединци на сите позиции и тоа е видливо по пласманот на табелата, каде „нероаѕурите“ се во самиот врв.
„Мислам дека можеме да се пофалиме со успешна и плодотворна работа во изминатите години. Интер е стабилен во играчкиот ростер и сметам дека сме на одличен пат. Секогаш може подобро, но јас сум задоволен од досега сработеното.
Трансфер-пазарот е секогаш како мини лотарија, некогаш ќе добиете, некогаш ќе загубите нешто. Не сите играчи беа полн погодок, но повеќето од нив максимално одговорија на задачите. Одиме уште погоре и не запираме овде, сезонава сите ја посакуваме титулата во Серија А“, изјави Марота.
Интер во моментов е второпласиран во Серија А со бод помалку од водечкиот Јувентус, но тимот на Симоне Инзаги има и еден натпревар помалку. Изјавата на Марота доаѓа по освоениот Суперкуп против екипата на Наполи, а миланскиот гигант сѐ уште е прв фаворит за титулата во елитниот италијански фудбал.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.