• Иван Димовски
Црвена Звезда направи убав гест и прифати да одигра пријателски натпревар со Вардар среде сезона од хуманитарен карактер поради трагедијата во Кочани. На националната арена „Тодор Проески“ трибините беа одлично пополнети, имаше околу 20.000 фанови и сите средства ќе бидат донирани.
По одиграниот натпревар, коментар даде генералниот директор на српскиот тим Звездан Терзиќ. Тој нагласи дека со задоволство ѝ помогнале на Македонија во овие тешки моменти.
„Горди сме на фактот дека Црвена Звезда можеше да ѝ помогне на братска Македонија во тежок момент по голема трагедија. Посебно ни е мило што стадионот беше одлично пополнет, навивачите имаа шанса во живо да ја гледаат Звезда. Притоа, заеднички успеавме да собереме хуманитарна помош за семејствата на настраданите во Кочани.
Црвена Звезда е големо име и има голем број навивачи во Македонија. Тоа најдобро се виде во атмосферата, како и во срдечниот поздрав од публиката кога играчите и ветераните излегуваа на теренот“, изјави Терзиќ.
Црвена Звезда го доби мечот против Вардар со 1-3, меѓутоа резултатот беше целосно во втор план.