ВИДЕО: Дини го патосира Тореира, Арсенал среќно го совлада Вотфорд

Екипата на Арсенал остана во игра за Лигата на шампионите, затоа што на гостувањето кај Вотфорд во рамките на 34. коло победи со 0-1 (0-1) и пак е на четвртото место во англиската фудбласка елита.

  • Извештај од натпреварот: 

Статистиката е на страната на „топчиите“ на оваа средба, но тоа многу веројатно немаше да биде така, ако Дини не го патосираше Тореира со лакт во 11. минута. Вотфорд цела средба играше со играч помалку, па поради бројчаната негатива, тешко создаваше шанси против фаворитот.

Што се однесува до натпреварот, истиот го реши еден погодок во 10. минута. Трагичар на тимот од „Викриџ роуд“ е голманот Бен Фостер, кој си играше со оган и погреши во шеснаесетникот по едно додавање, а тоа го казни Пјер-Емерик Обамејанг. Третиот стрелец во англискиот шампионат лесно ја смести топката зад грбот на голманот на Вотфорд, што беше и единствен погодок на мечот.

По примениот гол, Вотфорд имаше три убави шанси да изедначи, но среќата беше на страната на Арсенал. Најубавата од сите беше во 62. минута, кога Адам Масина испрати бомбастичен шут, но истиот заврши во пречката од голот на Лено.

Арсенал во наредното коло на „Емирати“ го пречекува Кристал Палас, додека Вотфорд гостува кај Хадерсфилд.