Динамо Загреб по 30 години се засили со Србин

По пауза од 30 години хрватскиот шампион Динамо Загреб се засили со српски фудбалер. Ако во 1989 година нов фудбалер на тимот од „Максимир“ беше најдобриот стрелец на тогашната југословенска лига Радмило Михајловиќ, сега „сините“ повторно доведоа најдобар стрелец. 

Но, овој пат истиот доаѓа од домашниот шампионат, односно од тимот на Интер Запрешиќ. Некогашниот младински репрезентативец на Србија, Комнен Андриќ, се реши кариерата да ја продолжи во Динамо и потпиша договор на пет години. 

Според најавите на хрватските медиуми овој трансфер чинеше нешто помалку од еден милион евра. Андриќ одигра одлична полусезона во дресот на Интер во ХНЛ и со 11 постигнати гола презими како најдобар стрелец во лигата.