Динамо Загреб наследникот на Ливаковиќ го гледа во Локомотива

Динамо Загреб по сè изгледа ова лето ќе мора да купува нов голман, а причината за тоа е заминувањето на Доминик Ливаковиќ. Одличниот чувар на мрежата со настапите на Светското првенство привлече огромно внимание, за него се интересираа Манчестер Јунајтед, Баерн Минхен, Галатасарај..., па јасно е дека шансите да остане во Загреб се мали. 

Поради тоа, Хрватите веќе шпекулираат за потенцијалната замена за Ливаковиќ. Според најавите, прво име за „единицата“ на Динамо е Никола Чавлија, 20-годишник кој го брани голот на Локомотива. Момчето кое викендов против Горица имаше една од најдобрите голмански партии во ХНЛ важи за многу перспективен чувар на мрежата. 

Се работи за голман кој е дел од У21 репрезентацијата на Хрватска, а беше дел и од помладите генерации на „коцкестите“. Исто така, Чавлина потекнува од школата на Динамо, а минатото лето се пресели во Локомотива и одушеви со своите настапи. „Модрите“ имаат клаузула според која можат да го вратат голманот за половина милион евра и се очекува да ја активираат.