Динамо Загреб му пресуди, Тухел заработи отказ во Челзи!

Фудбалскиот клуб Челзи реши дека е време за промени и му врачи отказ на тренерот Томас Тухел. Германецот, кој го одведе клубот до кровот на Европа, ќе замине по тешкиот пораз на гости кај Динамо Загреб на стартот на Лигата на шампионите.

„Сините“ преку официјално соопштение му се заблагодарија на услугите на Тухел, му посакаа среќа и нагласија дека работат на ново име за клупата. 

„Фудбалскиот клуб Челзи се раздели со првиот тренер, Томас Тухел. Во име на клубот, сакаме да му се заблагодариме на Томас и неговиот тим за работата. Тухел ќе има место во историјата на Челзи, откако ја освои Лигата на шампионите, Суперкупот и Светското клупско првенство. 

Стручниот штаб ќе продолжи со тренинзите и подготовката за следните натпревари, а клубот веќе работи на ангажман на нов тренер“, стои во соопштението. 

Тухел ја презеде клупата на „сините“ во јануари 2021 година по отказот за Франк Лампард. Го одведе тимот до трофејот во елитното клупско натпреварување уште истата сезона, а вкупно го водеше Челзи на 99 натпревари. За тоа време, Тухел и тимот запишаа 62 победи, 19 реми исходи и 18 порази. 

Челзи на стартот на сезоната игра променливо, во Премиер лигата има десет бода по шест кола со три победи, реми со Тотенхем и порази од Лидс и Саутемптон. Играта не ветуваше, па по бројните засилувања, клубот ќе се обиде и со нов предводник.